Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против двајца контролори во Фондот за здравствено осигурување, осомничени за примање поткуп од лекар.

– На 23 декември, во ресторан на булеварот „Филип Втори Македонски“ во Скопје, двајцата осомничени како службени лица – контролори во Фондот за здравствено осигурување – Подрачна единица Скопје, директно побарале имотна корист за себе и за друг за да извршат службено дејствие што не би смееле да го извршат. Имено, тие од еден оштетен побарале парични средства во износ од 30.000 денари за да не изречат парична или друга санкција за правно лице – приватна здравствена установа во која сопственик и управител бил оштетениот, соопшти Јавното обвинителство.

Контролата во приватната здравствена установа, како што е наведено во соопштението, била извршена од 16 до 19 декември, по што бил изготвен записник во кој биле констатирани неправилности при изготвување на образец за привремена спреченост за работа на пациент на кој оштетениот му бил матичен лекар.

– По изготвувањето на записникот, една од осомничените понудила да не биде изречена санкција за контролираното правно лице, а за возврат побарала парична награда – поткуп во износ од 30.000 денари. Од тој износ по 10.000 денари биле наменети за двајцата осомничени и за уште едно засега непознато лице, исто така контролор во Фондот за здравствено осигурување. Второто осомничено лице неколкупати телефонски го контактирало оштетениот, повторувајќи му дека треба да ја даде паричната награда за да нема последици за неговата ординација. Во еден од телефонските разговори тој го договорил времето и местото на средбата во ресторанот за да се изврши примопредавање на побараните парични средства, се наведува во соопштението од ЈО.

Надлежен јавен обвинител до Судот доставил и предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, бидејќи постојат околности кои укажуваат дека мерката притвор е неопходна за да се обезбеди присуството на осомничените во текот на кривичната постапка.