Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Прилеп против десете лица кои во четвртокот нападнаа пет полициски службеници на стариот пат Прилеп – Велес во близина на Чашка. На десетмината,како што информираат од МВР, им е одреден 30-дневен притвор.
Пријави се поднесени против Е.Е.(28), Е.И.(30), Ф.Ќ.(37), С.А.(40), Ф.Ќ.(43), С.М.(57), Ѓ.А.(21), Р.В.(30), Е.В.(29), И.В.(52), сите од Прилеп. Тие се приведени и предадени на обвинителството.
-ОЈО Прилеп по приемот на кривичната пријава за настанот веднаш ќе почне истражни дејствија во насока на утврдување на фактите во предметот. По прибавување на сите материјални и вербални докази, нивно разгледување и анализа надлежниот јавен обвинител ќе донесе одлука за понатамошниот тек на постапката, изјавија од ОЈО за МИА.
Како што претходно информира МВР, во четвртокот околу 20:00 часот, полициски службеници од Полициско одделение Чашка, додека вршеле службени дејствија на стариот пат Прилеп-Велес, сопреле за проверка три патнички моторни возила без регистарски ознаки, при што едното возило избегало. Останатите две возила биле натоварени со огревни букови дрва, кои од страна на полициските службеници биле одземени. Притоа наишла поголема група граѓани, меѓу кои и десетте пријавени лица, кои почнале агресивно да се однесуваат и игнорирајќи ги усните наредби, со тврди предмети ги искршиле стаклата од полициското службено возило. Првопријавениот со тврд предмет го нападнал полицискиот службеник Д.Ц., а потоа останатите пријавени ги нападнале неговите колеги, по што полициските службеници испукале неколку предупредувачки истрели во воздух и пријавените се повлекле.
Повредениот Д.Ц. бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза” Скопје, каде што му биле констатирани тешки телесни повреди, фрактура на черепот и на вилицата, како и фрактура на левата подлактица, а четири полициски службеници се со телесни повреди.