Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид издаде повеќе наредби за утврдување на причините за смртта на седуммесечнто бебе од Вевчани, кое починало рано утрово во ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ откако било донесено со повреди на главата и итно префрлено во операциона сала.
Неколку часа по спроведената операција, бебето починало на интензивна нега. Јавниот обвинител, со цел да ги расчисти причините за тоа како настанала повредата на бебето, како и да испита дали стручниот персонал ЈЗУ „Св. Еразмо“ постапувал согласно протоколите и процедурите, издаде насоки за прибирање докази. Прибавена е целокупната документација од болницата, издадена е наредба за обдукција на бебето во Институтот за судска медицина во Скопје, се вршат разговори со семејството и блиски лица, а се проверува и медицинската историја на детето и на мајката, велат од ОЈО Охрид.
Претходно од СВР Охрид соопштија дека денеска во раните утрински часовикај нив било пријавено дека, во специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид, по извршен хируршки зафат, починало седуммесечно бебе од Вевчани, кое, претходниот ден околу 16 часот, било донесено во болницата од неговата мајка.
Бебето, според пријавеното, било примено во болницата со хематом на главата и по констатирано мозочно крварење, веднаш била извршена операција.
Според изјавата на неговата мајка, повредите настанале по пад од импровизиран кревет во семејниот дом во Вевчани.