Oсновното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 44-годишник, кој при вршење семејно насилство го лишил од живот сопственото дете, со што сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.
Од ЈО информираат дека ноќта меѓу 25 и 26 септември, додека осомничениот бил во домот со четири малолетни деца, меѓу кои и тримесечниот син, започнал да го удира детето со раце и нозе по главата и телото. На тој начин му нанел повеќе повреди кои предизвикале крварење во черепната празнина, како резултат на кои тримесечното бебе починало.
-Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност осомничениот да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, можност тој да се обиде да влијае врз сведоците, па дури и да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, известуваат од ЈО.