Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски оформил предмет по допрен глас, еден ден откако премиерот Христијан Мицкоски на собраниска седница во одговор на пратеничко прашање рече дека тој и неговото семејство биле следени од безбедносни служби во текот на 2020 и 2021 година.

„Предметот веќе е даден на постапување на надлежно обвинителство за да ги испита наводите. Имајќи предвид дека се работи за сензитивен карактер на пласираната информација, обвинителството ќе ги преземе сите неопходни активности преку надлежни органи за да ги испита својствата на можни инволвирани лица и евентуалните инкриминирани дејствија“, соопшти Јавното обвинителство.

Премиерот Мицкоски денеска изјави дека очекува од Јавното обвинителство по допрен глас да преземе мерки во врска со информациите кои ги изнесе на вчерашната собраниска седница за пратенички прашања дека претхопдната власт физички го следела како предводник на најголемата опозициска партија, оти наводно бил лидер на паравоена формација.