Основното јавно обвинителство Кавадарци во координација со увидна екипа од Министерството за внатрешни работи, извршија увид во семејна единица во село Корешница, Демир Капија, каде синоќа почина 11-годишно дете, штитеник на Специјалниот завод Демир Капија.
Починатото момче беше згрижено во семеен дом пред еден месец, откако претходно беше пронајдено како целосно запуштено живее само во исклучително лоши услови во Охрид.
Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатото дете, во насока на откривање на причините за настанатата смрт.
Починатото дете е 11-годишниот Илче од Охрид, кој беше оставен од родителите, а на во август беше сместен во мал групен дом. Детето беше со церебрална парализа и беше со здравствени и психички нарушувања. За него се грижеа тим психолози, дефектолози и медицински сестри.
– Илче со плеснување на рачињата и едно големо браво се збогува со тимот лекари кои се грижеа за него. Здрав и расположен си заминува во мал групен дом. Неговата состојба кога беше хоспитализиран беше тешка, а денеска со надеж дека Илче ќе има шанса за подобар живот, го испраќаме седнат, расположен за игра и насмеан да влезе во новото семејство, изјавија тогаш од Клиниката за детски болести, по десетдневното лекување.
Илче во јуни првин беше напуштен од таткото, а потоа и од мајка си. Таткото е во добра здравствена состојба, но мајката има здравствени проблеми. Беше најден како целосно запуштено живее сам, во исклучително лоши услови. По налог на министерот за здравство Венко Филипче беше пренесен со возило на Брза помош на лекување во Скопје.