Персонални компјутери, документација, мобилни телефони, УСБ стикови и мемориски картички, оружје и муниција, како и поголемо количество на брендирана гардероба, накит, часовници и уметнички дела, се одземени при претресите од тимот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи со цел обезбедување материјални докази поврзани со осомничените во случајот „Примање награда за противзаконито влијание“.
Станува збор за вчерашното апсење и притворање на осомничените Бојан Јовановски алијас Боки 13 и Зоран Милевски.
Од ОЈО инфирмираат дека претресите се спроведени во текот на вчерашниот ден до раните утрински часови.
Извршени се претреси во домот на родителите на првоосомничениот, во станот каде што престојувал, како и во просторијата што ја користел во едно правно лице, воедно извршен е претрес и во домот на второосомничениот, како и во возилата што ги управувале.
– При претресите прибран е броен доказен материјал што допрва треба да биде предаден на вештачење. Меѓу одземените предмети покрај два персонални компјутери и еден лап топ што ги користеле првоосомничениот и неговата асистентка, одземено е поголемо количество на брендирана гардероба, накит, часовници и уметнички дела. Од второосомничениот се одземени повеќе лап топ компјутери, документација, мобилни телефони, УСБ стикови и мемориски картички , како и поголемо количество на оружје и муниција за кое дополнително ќе се утврдува дали второосомничениот го поседувал со дозвола, се вели во соопштението од ОЈО.
Со оглед на обемноста на материјалот, посочуваат од ОЈО дека записниците за одземени предмети се уште се подготвуваат и во моментов обвинителството не може да соопшти детали.
Обвинителството, исто така, посочува дека до овој момент надлежниот обвинител нема извршено разговори со други лица, за кои излегоа шпекулации во јавноста дека се повикани на информативен разговор во насока на расветлување на случајот. Во интерес на истражната постапка и спречување на шпекулациите во јавноста, обвинителството колку што дозволува истрагата континуирано ќе информира за преземените дејствија.