Основното јавно обвинителство Скопје до скопскиот Основен кривичен суд поднесе предлог за издавање казна во висина од 2 500 евра за едно лице од Скопје, кое ја прекршило задолжителната самоизолација.

– Обвинетото лице, на 17 март, при влез на граничниот премин Табановце, потпишал изјава дека ќе се самоизолира во период од 14 дена, бидејќи претходно престојувал во Словенија како ризична земја за ширење на заразната болест Ковид-19. Но, тој не постапил според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за сузбивање и спречување на болеста, па на 25 март излегол од својот дом и бил во маркет, стои во соопштението од ОЈО.

Јавниот обвинител му предложил на Судот на обвинетиот да му изрече парична казна од 100 дневни глоби, а вредноста на една дневна глоба да биде одредена на 25 евра во денарска противвредност. Тој е обвинет за кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

За кривичното дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе и Барање за поведување подготвителна постапка за двајца малолетници, на возраст од 15 и 14 години.

Тие на 30 март, спротивно на Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија,  биле затекнати како се движат во близина на Железничката станица во Скопје за време на полицискиот час.​