Гувернерот на Оклахома, Кевин Стит, потпиша закон со кој на трансродовите спортисти им се забранува да играат училишен спорт за девојчиња.
– Го штитиме женскиот спорт, обезбедуваме рамноправни услови за спортистките, рече републиканецот Стит на церемонијата на потпишување.
– Кога станува збор за спортот, девојчињата треба да се натпреваруваат со девојчиња, додека момчињата треба да се натпреваруваат со момчиња. И да бидеме на чисто, тоа е се што вели овој закон, додаде тој.
Предлог-законот, кој помина во Домот и Сенатот предводени од републиканците, стапи во сила веднаш со потписот на гувернерот. Таканаречениот „Да ги заштитиме женските спортови“ (Save Women’s Sports) се применува во државните училишта до факултетите.
Оклахома стана 12-та држава што усвои закон со кој се забранува трансродовите девојки да учествуваат и да се натпреваруваат во женски спорт на училиште. Слични предлог закони кои минатата недела беа усвоени во Аризона и Кентаки ги чекаат потезите на гувернерите на тие држави.
Американските центри за контрола и превенција на болести во 2019 година проценија дека само 1,8 проценти од средношколците во земјата се трансродови, а групата Human Rights Campaign тврди дека според истражувањата, само околу 12 отсто од нив играат во женски спортски тимови.
Во последните месеци големо внимание привлече случајот со американската пливачка Лиа Томас (22), која до пред две години беше машко.
Како Вил Томас, тој три години се натпреварувал во машка конкуренција, пред да го промени полот. По промената на полот, Лиа мораше да чека една година за да почне да се натпреварува во женска конкуренција и сега соборува бројни рекорди.
Според правилата на Националната колегиумска атлетска асоцијација (NCAA), ѝ било дозволено да се натпреварува во женски дисциплини бидејќи ја завршила потребната едногодишна терапија со тестостерон.