Нешто над 50 проценти од пензионерите во Македонија земаат до 14 илјади денари пензија, додека 49,94 отсто земаат од 14.000 па нагоре, покажуваат податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ).
Вкупниот број на пензионери во август изнесува 325.637, а просечната пензија е 15.854 денари. Најголем дел од пензионерите земаат старосна пензија (219.323), по што следуваат семејна (75.785), инвалидска (30.529). Кај висината на просечната пензија најмала просечна пензија од 8.263 денари имаат пензионерите кои земаат земјоделска пензија, додека највисока просечна пензија имаат воените пензионери и таа изнесува 23.069 денари. Просечната пензија пак кај најголемата група на корисници по старосна пензија изнесува 17.117 денари.
Според податоците на ПИОМ според состојбата на корисници на пензии по групи, најголем дел од пензионерите земаат пензија над 18.000 денари и до 11.000 денари, односно највисоката и најниската група. Пензионерите со пензии над 18.000 денари во вкупната структура учествуваат со 28,8 проценти (93.798), додека со пензиите што се сметаат под минимална до 11.000 денари нивното учество е 26,68 отсто (86.865).
Корисници на најниските пензии на пензионери што оствариле право на пензија до крајот на 1996 година чиј број изнесува 11.359 земаат пензија од 12.801 дена до 12.222 денари. Пензионерите со право на пензија остварено од први јануари 1997 година чиј број е 4.607 земаат пензија од 11.146 до 9.986 денари. И корисниците на пензии остварени од први јануари 2002 година чиј број изнесува 63.904 имаат пензии во висина од 10.487 до 11.703 денари.