Надлежните институции во земјава најавија дека угостителските објекти ќе се отворат на почетокот на следната недела.

За отворање на границите, сметаат, се уште е рано, затоа што, како што посочуваат, доколку се отворат огромен дел од мерките и бенефитите на националните стратегии можно е да паднат во вода.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека угостителските објекти ќе се отворат во вторник ако Комисијата за заразни болести ја донесе одлуката в петок.

-Доколку не биде донесена одлука в петок, отворањето на угостителските објекти сигурно ќе биде во текот на првите денови од неделата, рече Филипче.

Во врска со отворањето на границите, тој смета дека тоа треба да биде координирано со соседните земји. Појасни дека тоа беше и причината за посетата на Грција, каде се дискутирало за начинот на поминување на границите, сега се чека на нивниот одговор.

-Ние сметаме дека отворање на границите мора да биде координирано ако ништо друго помеѓу соседните земји и тоа беше причина за посетата на Грција и работите кои таму ги дискутиравме во однос на начинот на кој што ќе се поминува границата во однос на потребните тестови и во однос на евентуалниот начин на било кој заболен од земјите, кои ќе се сложат на тој договор да добијат бесплатна здравствена заштита доколку при престој во некои од овие земји заболат од коронавирусот. Испративме официјално писмо до грчкото Министерство за здравство со кое ги формализиравме сите овие поенти кои ги разговаравме за време на состанокот и го чекаме нивниот одговор, рече Филипче во одговор на прашање.

 

Тој додаде дека Србија донела одлука да се отворат границите, но смета дека за нашите услови, тоа е уште рано. Сепак, како што рече, како Влада одговараат на сите барања за патувања на поединци кои треба да патуваат во странство или странци кои доаѓаат кај нас, така што додаде дека нема ништо компромитирачко.

-Во моментот кога ќе се отворат границите навистина огромен дел од мерките и бенефитите на националните стратегии можно е да паднат во вода. Затоа сметам дека треба многу внимателно да се пристапи кон ова прашање, нема потреба од брзаае, ние имаме систем во кој што одговараме на апсолутно сите барања за патувања на поединци кои треба да патуваат во странство или странци кои доаѓаат кај нас или наши луѓе кои се враќаат во нашата земја преку Централниот штаб во Владата така да ништо не е компромитирано во однос на тоа, но мислам дека многу внимателно треба да се пристапи на прашањето, рече тој.

Во однос на прашањето како ќе се пристапи за ова прашање со соседните земји, Филипче одговори дека министерот за надворешни работи вчера имал состанок со повеќе земји од соседството, но оти ќе останат да го чекаат одговорот од Грција, и тој документ би го понудиле на соседните земји.

Во договорот ќе треба да се изнајде решение за полесно поминување на границите, за тоа како да се избегнат гужвите, начинот на поминување на граници, дали ќе бидат потребни тестови и бесплатното болничко лекување….

Најважната обврска, како што подвлече Филипче, е да се обезбедат услови и патувањето на граѓаните и самиот престој во другата држава, да бидат што е можно побезбедни.