Од понеделник Грција ја укинува мерката воведена 19 декември 2021 година за задолжителен ПЦР/рапид тест и за вакцинираните и за невакцинираните патници за влез во земјата, мерка што важи и за државјаните на Република Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за здравство Танос Плеврис претпладнево рече дека за оние кои имаат валиден европски сертификат нема да биде потребен тест за патување во Грција.
-Од понеделник 7 февруари влезот во земјата за оние кои имаат активен европски сертификат ќе биде без задолжителен тест, изјави Плеврис.
Како што е пракса во Грција и како што редовно информира МИА, сите правила за патување во земјата детално ќе бидат објаснети во министерската одлука што ќе биде објавена во Службен весник.
Последната министерска одлука од 24 јануари е во сила до понеделник во шест часот наутро и предвидува задолжителен негативен тест ПЦР или рапид тест за сите патници без разлика на националноста и начинот на влез во земјата и независно дали се вакцинирани или не.