Доколку продолжи ваквата тенденција со коронавирусот,  во Србија од 12 април ќе можат да се отвораат трговските центри, а од 19 април и враќање на учениците во училиштата, изјави членот на кризниот штаб Бранислав Тиодоровиќ, по седницата на ова владино тело.

Како што јави допсиникот на МИА од Белград, угостителските објекти во трговските центри сè уште нема да бидат отворени, одлучи Кризниот штаб.

-Ситуацијата е сè уште вонредна, со мала тенденција за намалување на бројот на новопотврдени случаи на заболени. Се бележи и дека односот помеѓу приемот и отпуштањето во Ковид болниците се одвива полека и во корист на отпуштањето. Бројот на први прегледи се намалува и во Ковид амбулантите, кажа Тидоровиќ.

Тој додаде дека Ковид болниците сè уште се полни и оптоварени.

-Со оваа динамика, како се движат работите во последните два или три дена, доколку вака продолжи и во наредните денови, можеме да очекуваме да размислиме за одредени постапки што ќе дозволат некои од мерките да бидат дозволени – пред сè, сметаме дека трговските центри можат да започнат со работа, под претпоставка дека овој тренд ќе продолжи од понеделник, кажа Тиодоровиќ.

Тој исто така посочи дека Кризниот штаб смета дека е време да се намали онлајн наставата во училиштата и да се сведе само на локални проценки на можни жаришта и дека од 19 април тие да започнат да функционираат според системот како што се работело порано .

Тиодоровиќ, исто така, прецизираше дека оние угостителски објекти кои се наоѓаат во трговски центри со можна тераса и пристап до отворено може да работат, како и дека оние што се во затворен простор остануваат затворени.