Шефицата на Светската програма за храна (WFP) на Обединетите нации, Синди Мекејн, предупреди дека ќе биде тешко да се обезбеди храна за светското население доколку Русија го напушти договорот за жито.
Таа изјави дека договорот кој истекува на 18 мај мора да се обнови.
– Договорот мора да се продолжи. Ние никако не можеме да нахраниме одреден регион, а камоли целиот свет, ако тоа не се случи, изјави Мекејн за Би-Би-Си.
На прашањето дали мисли дека Русија ќе се согласи да го продолжи договорот, таа рече дека не е сигурна.
– Тоа многу ме загрижува. И тоа треба да ги загрижи и сите други, рече Мекејн и го повика „секој светски лидер“ да помогне во обновувањето на договорот и да се стави крај на конфликтот. Таа додаде дека WFP набавува житарки од други земји за да ги дистрибуира во земјите ширум светот, но оти не успеале да нахранат многу луѓе поради зголемените трошоци.
– Знам дека има некои фарми кои сè уште работат. Но, мора да запомните дека огромното мнозинство од земјиштето на кое порано имало посеви сега е минирано, со нагазни мини, рече таа.
Мекејн истакна дека дури и ако конфликтот заврши денеска, ќе бидат потребни години да се расчисти земјиштето за да биде безбедно.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Вершинин вчера изјави дека договорот за жито нема да биде продолжен доколку Москва не добие гаранции дека нејзините барања ќе бидат исполнети до 18 мај.