„Оние што се уплашени има зошто да се плашат“ – вака премиерот Христијан Мицкоски ги искоментира реакциите за назначувањето на Бојан Христовски за нов директор на Агенцијата за национална безбедност. На Христовски, наводно поради поврзаност со случувањата во Собранието од 27 април, претходно му беше одземен безбедносниот сертификат. Мицкоски вели дека Христовски сега го има потребниот сертификат, а претходната власт сакала да му наштети преку лажни вести и со злоупотреба на институциите.
„Откако таа неправда којашто му беше нанесена на Бојан Христовски беше констатирана, бидејќи во прво време не му беше даден таков безбедносен сертификат, беше констатирана злоупотребата на дел од раководството пред се на Агенцијата за разузнавање“, вели Христијан Мицкоски.
Мицкоски вели дека не гледа причина зошто Христовски да не ја извршува успешно челната позиција во АНБ, бидејќи работниот век го поминал во безбедносниот сектор. Последно во јавноста беше познат како директор на Градскиот паркинг во Скопје, но по несогласувањата со Данела Арсовска веќе не ја извршува функцијата. Опозициската СДСМ пак, најмногу реагира поради фактот што тој до неодамна бил прв човек на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и обвинува за партизација. Социјадемократите бараат власта да назначи нов директор на АНБ.
„Со поставувањето на лице кое само до 2023 година беше претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, оваа партија директно го прекршува член 10 од Законот за АНБ. Дури и да се има формално повлечено од партијата, фактот дека до неодамна извршувал висока партиска функција е јасен показател дека ова решение е чисто партиско, непрофесионално и спротивно на Законот“, вели Миле Талески.
На владина седница, беше разрешен доскорешниот директор Заре Милошовски кој функцијата ја извршува од крајот на 2022-рата година. АНБ почна да функционира во 2019 година, по реформите во безбедносниот сектор, а со кои престана да функционира Управата за безбедност и контраразузнавање.