Итна смена на раководствата на општинските организации и месни комитети, бара членството на СДСМ, револтирано од нивното присуство на средбите со кандидатите за претседател. Голем дел од вината за поразот на изборите гледаат токму во нив, а велат дека сега средбите токму тие ги организираат и си покануваат кого сакаат, со што се оневозможува да се чујат забелешките на луѓето од базата.
Членството бара и да се прекинат партиските експерименти во изборот на општинските кадри, кои потоа ја злоупотребуваат позицијата, глумат локални моќници и си вработуваат роднини.
Во меѓувреме, четворицата кандидати за претседател имаат поединечни средби со членството низ цела Македонија, а ќе имаат и осум соочувања.
Кандидатот Деспотовски води кампања и на фејсбук, порачувајќи да не се дозволи да продолжи практиката од 2021 година, да се наметнуваат „готови“ решенија без дебата. Петровска најавува централизирано финансирање на општинските организации, Венко Филипче враќање на комуникацијата со членството, Бајдевски отворени листи за избор на партиските органи.
Досега, онлајн се регистрирале 13.000 членови на партијата, додека регистрираните во општинските организации ќе се бројат утре, по завршувањето на пријавувањето. Партиските избори ќе се одржат следниот викенд, на 30 јуни.