Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот кинески колега Си Џинпинг се очекува во понеделник да одржат виртуелна средба на која ќе разговараат за трговијата, човековите права и воените активности.
Како што пренесуваат странските агенции, Вашингтон и Пекинг ќе разговараат и за појавата на пандемијата на Ковид-19, но и за растечкиот нуклеарен арсенал на Кина.
Американските власти веруваат дека директниот контакт со Си е најдобриот начин да се спречи односот меѓу двете најголеми светски економии да се претвори во конфликт.
Пекинг, исто така, сака да избегне конфликти и да се фокусира на „позитивна конкуренција“, а истовремено се залага за соработка во однос на прашања како што се климатската криза и ставање крај на пандемијата на коронавирусот, изјави неименуван кинески функционер.
Рамковниот договор за зајакнување на соработката во борбата против климатските промени, претставен од двете најголеми светски економии на конференцијата на ОН за климата во Шкотска, испрати „прилично позитивен сигнал“ за претстојниот самит.
Бајден и Си последен пат разговараа на 9 септември, во 90-минутен разговор, за кој висок американски функционер рече дека бил фокусиран на економските прашања, климатските промени и Ковид-19.