Формиран е оперативен штаб во полициската станица Кочани.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во изјава што предмалку ја даде пред полициската станица во Кочани, потврди дека починатите лица се во повеќе болници во земјата и по идентификација ќе треба да бидат однесени на обдукција во Скопје. Министерот рече дека пожарот избувнал околу 2 часот и 30 минути како последица на искри од пиротехнички средства за светлосен ефект на концертот на групата ДНК. Тој потврди дека се приведени организаторите, а новинарите го прашуваа дали ќе бидат приведувани и тие од општината кои што се надлежни да издаваат дозволи за објекти да функционираат како дискотеки. Тој рече дека не треба да има сомнеж дека секој кој е одговорен за трагедијата ќе понесе одговорност пред законот.
Граѓани што живеат во близина на објектот кој функционирал како дискотека, кршеле врати и прозорци, за да ги вадат младите од внатре.
Пожарот според Тошковски, настанал кога се активирале прскалките на сцената, искрите го зафатиле таванот што бил направен од лесно запаллива материја. Потоа пожарот се проширил во целата дискотека и густ чад задушил дел од жртвите а други изгореле.
Граѓаните на социјалните мрежи ги бараат своите деца, малолетни лица, со фотографии. Не знаат во која болница се, ниту каква е нивната состојба.