Собраниската Комисија за европски прашања денеска ја прекина седницата на која требаше да бидат разгледани во второ читање пакетот закони од областа на управување со отпад.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците со поддршка од ЛДП со 8:7 гласа „за“ ги надгласаа членовите од владеачкото мнозинство за повлекување од дневен ред на предлог-законите за управување со отпад и за управување со пакување и отпад. Како што појаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ, тоа е направерно согласно барањата на здруженијата на граѓани и Иницијативата О2, со образложение дека прво е потребна широка јавна дискусија на овие теми, а потоа изјаснување во Собранието.

Од СДСМ сметаат дека блокирањето на законите е неосновано. Пратеничката од СДСМ и член на оваа Комисија Снежана Калеска Ванчева за МИА изјави дека на седницата јасно го кажале нивниот став дека поддржуваат и се залагаат што поскоро да бидат усвоени целиот пакет закони кои што се од областа на екологијата, бидејќи, вели, тие не само што се со европско знаменце, значи транспонираат европски регулативи и директиви, туку се плод на една широка дебата и дискусија и потребата која ја има нашата држава од конечно регулирање на начинот на кој што ќе се справуваме со отпадот и со заштитата на животната средина.

-Не сметаме дека има потреба од какво било одлагање и какви било дополнителни расправи затоа што овие закони се во процес на драфтирање од 2019 година, учествуваа сите засегнати страни, многу нивни предлози и забалешки беа вметнати и тие кога дојдоа до собраниска процедура, веќе сите бевме свесни што е и како е. На расправата која што ја имавме на Комисијата за европски прашања во прво читање никој не кажа дека има потреба од повторна јавна расправа, дека треба да го закочиме процесот, напротив сите беа за со тоа што како СДСМ поддржавме одредени амандмани од ДОМ за одредено подорување каде сметавме дека треба да има подобрување и особено за точката за забрана за увоз на отпад, иако законот е спреман согласно Директивата на ЕУ, но ние заклучивме дека како држава не сме доволно спремни и немаме доволно изградени механизми за да имаме вистинска контрола на увозот на отпад, вели Калеска Ванчева.