Советот на општина Битола донесе одлука семејствата на осудените за упадот во Собранието на 27 април да добијат еднократна финансиска помош од 10 илјади денари. Одлуката помина со мнозинство гласови од советниците на ВМРО-ДПМНЕ кои не ја појаснија иницијативата на говорница. Сепак, реакција кај останатите советници предизвика образложението на одлуката и формулацијата „неправедно осудени“. Пред гласањето советничката од ДОМ, истакна дека сака да биде изземена и посочи дека советот не е суд за да одлучува кој е праведно, а кој неправедно осуден.
За одлуката гласаа и советниците од Левица, иако иницијативата ја оценија како лицемерна и срамна. Сепак, според нив, на семејствата им била потребна помош и затоа се одлучиле на таков чекор.
„Ова е класичен поткуп и омаловажување на тие луѓе. Срамота е со општински пари да го правиме ова. Ние сепак ќе гласаме за инцијативата бидејќи сметаме дека на семејствата им е потребна помош.“
На седницата не присуствуваа советниците од СДСМ, а од партијата потоа преку партиско соопштение порачаа дека одлуката на Советот е злоупотреба на пари на граѓаните на Битола. Не беа присутни ниту советниците од Поинаку, како и Претседателката на Советот Габриела Илиевска, која пред неколку дена ја прекина седницата на советот поради потреба од дополнителни консултации за завршните сметки на јавните претпријатија, а советниците од ВМРО-ДПМНЕ Левица и ДУИ избраа претседавач само за оваа седница. Токму за овој потег, Илиевска вели дека веќе побарала и инспекциски надзор од државниот иснпекторат за локална самоуправа за последните случувања во советот на Општина Битола, известува Канал 5.