Завршена е постапката за избор на проектант за изработка на техничката документација за затворање на нестандардната депонија „Буково“, а во тек се и активностите за изградба на претоварна станица кај Мауцкер и собирен центар во Охрид. Претоварните станици и Регионалниот центар за управување со отпад во Новаци се очекува да бидат функционални во 2030 година.

Ова беше истакнато на денешната средба во Општина Охрид, посветена на новиот Регионален план за управување со отпад и воспоставувањето интегриран систем за Југозападниот и Пелагонискиот плански регион.

Општинскиот секретар, Александар Китески, информира дека за собирниот центар е определена локација на улицата „Железничка“, за која веќе е експроприрано земјиштето, а во предлог-буџетот за следната година се предвидени средства за измена на урбанистичкиот план.

– Очекуваме во текот на следната година да биде завршена проектната документација за депонијата „Буково“. Таа ќе ги даде насоките за потребните финансиски средства, фазите и временскиот период за нејзино затворање – рече Китески.

Раководителот на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, Емил Ангелов, посочи дека е изработен шестгодишен плански документ со проценета финансиска рамка од 45,5 милиони евра, од кои се обезбедени повеќе од 30 милиони евра.

– Очекуваме претоварните станици и регионалниот центар за управување со отпад да бидат функционални во текот на 2030 година. Останува да се зајакнат капацитетите на комуналните претпријатија, но и да се обезбеди активно учество на граѓаните – истакна Ангелов.

Планот опфаќа изградба на регионална инфраструктура, подобрување на селекцијата и собирањето на отпадот, затворање на 16 нестандардни депонии и диви ѓубришта, како и јакнење на институционалните капацитети и комуникацијата со граѓаните.

Регионалниот систем ги опфаќа сите 18 општини од Југозападниот и Пелагонискиот плански регион, кои ќе користат заеднички регионален центар во Новаци, претоварни станици и општински собирни центри. (МИА)