Хрватска нема проекција до кога може да трае епидемијата на коронавирусот, а членот на Националниот штаб за цивилна заштита Крунослав Цапак вели дека лично смета дека во најлош случај животот во оваа земја може да се нормализира на почетокот на јуни.
-Нема никакви проекции. Работевме само проценка според италијанските модели, како најцрно сценарио, за да видиме дали имаме доволно респиратори и кревети и можеме да кажеме дека има доволно. Лично сметам дека дури на почетокот на јуни ситуацијата ќе се подобри и дека животот полека ќе почне да се нормализира, рече Цапак за загрепски „Јутарњи лист“.
Директорот на Хрватскиот завод за јавно здравје уште кажа дека сонцето позитивно делува на вирусот.
-Вирусот го убиваат УВ зраците, а што се однесува до издржливоста, тој умира на 70 степени, и тоа за само неколку секунди, рече тој.
Според него, ова е криза која ќе потрае.
-Мојата проценка е дека ќе имаме неколку илјади заболени, смртност во согласност со земјите кои немаат црни сценарија и дека летото навистина ќе донесе подобро време, рече Цапак.