Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја предупреди нацијата дека опасноста од коронавирусот сè уште не е помината. Тој најави дека отворањето на економијата ќе продолжи, но внимателно, првин во помалите места, а дури потоа во густо населената Будимпешта, пренесе Република.

Според Орбан, градинките ќе се отворат, но училиштата ќе мора да продолжат наставата да ја вршат по електронски пат.

Досега имавме подобри резултати од многу други, подобро позиционирани држави од нас. Но, за жал, 500 луѓе ги загубија животите во епидемијата, и нивните семејства се во тага, изјави Орбан во неговото редовно радио-интервју.

Орбан воедно ја критикуваше Европската Унија за обидите да го спречи затворањето на унгарската граница за илегални мигранти. Унгарија најави дека ќе ги затвори транзит зоните за мигранти, во кои досега можеше да се поднесе барање за азил, и во иднина тоа ќе мора да се прави само во унгарските амбасади во соседните земји – мерка на која ЕУ остро се спротиставува.

Има 130.000 мигранти на балканската рута и тие се движат кон унгарската граница. Не очекуваат тешки месеци. Но, бирократите во Брисел сакаат да им дозволиме на сите лица кои поднеле барање за влез во Унгарија да останат тука без никаква контрола, обвини Орбан.