Кина го зголеми својот воен буџет за 6,6 проценти во 2020 година, што е најмало зголемување за три децении, во услови кога кинеската економија забавува како резултат на пандемијата на коронавирусот.

Минатогодишниот воен буџет беше 7,5 проценти поголем од претходниот. БДП на Кина падна за 6,8 проценти во првиот квартал од 2020 година. Тензиите со Тајван и бројните територијални спорови во Јужното Кинеско Море се главните безбедносни предизвици за Пекинг.

– Ние … решително ќе се спротивставиме и ќе ги спречиме сите сепаратистички активности насочени кон независност на Тајван,  рече кинескиот премиер Ли Кечијанг на отворањето на годишната сесија на кинескиот Парламент.

Како што беше соопштено денеска, воениот буџет на Кина ќе изнесува 1,268 трилиони јуани, или 178,16 милијарди долари.

Кинескиот премиер им рече на пратениците дека воените реформи ќе продолжат, логистичките капацитети ќе се зголемат, со „поттикнување на иновативниот развој на науката и технологијата поврзана со одбраната“.

Бејтс Гил, професор на Катедрата за студии за безбедност во Азија и Пацификот на универзитетот Меквари во Австралија, посочува дека зголемувањето на издвојувањата за 6,6 проценти е значајно, особено ако се земе предвид забавувањето на економијата.