Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска повторно ги критикуваше лидерите на ЕУ дека тие настојуваат Европа да ја наполнат со мигранти.
Орбан оцени дека миграцијата ќе создаде „мешовито население“ во земји во кои муслиманите брзо ќе станат мнозински народ, а христијаните ќе бидат малцинство.
Тој во говорот за „состојбата на нацијата“ најави нови мерки кои се, како што вели, одговор на Унгарија на намалениот наталитет и изменетата демографска слика.
Орбан најави дека владата ќе дава финансиска помош и субвенции на семејствата со цел да се зголеми наталитетот.
Според неговите зборови, новите регулативи би требало да ги охрабрат жените да имаат повеќе деца. Меѓу мерките е и доживотно ослободување од данок за жени кои ќе родат најмалку четири деца.
Припадниците на опозицијата Орбан ги нарече „куп од промигрантски политичари“, кои во живот ги одржуваат американскиот финансиер Џорџ Сорос и европските бирократи, пренесува МТИ.
Тој официјален Брисел, седиштето на ЕУ, го нарече „замок на новиот интернационализам“ и имиграцијата.