Моменталната царинска војна е „тактичка работа“ и ќе заврши за неколку месеци, изјави денеска унгарскиот премиер Орбан.

Тој рече дека претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп вети пред изборите дека ќе ја преобликува глобалната трговија и подобро ќе ја позиционира Америка во однос на нејзините трговски партнери, пренесув МТИ.

Орбан кажа дека САД ќе постигнат спогодби со сите на индивидуална основа, што ќе резултира со нова рамнотежа, додавајќи дека тој процес ќе трае „еден до два месеци”.

Тој кажа и дека царинската војна набргу ќе стане „царински мир” кој ќе ѝ користи на Унгарија.

Орбан истакна дека царинската војна е „значително под” значењето на војната во Украина и нејзиното потенцијално членство во ЕУ, кое би било на дневен ред “долга низа години” и би можело да ја “упропасти” Унгарија.

Царинската војна треба да им се „препушти на експертите”, рече тој, „а нашето внимание и нашата енергија треба да се насочат на членството на Украина во ЕУ”.

„Се наоѓаме во период на висока инфлација”, најмногу поради војната меѓу Русија и Украина, кажа Орбан.

Мирот, додаде тој, е најдобар начин да се обезбеди стапката на инфлација да стане долгорочно одржлива.

„Единствена задача” на Европската Унија, рече тој, би било таа да ги поддржи напорите на американскиот претседател за постигнување мир, додавајќи дека цените експлодираа кога почнаа подготовките за војна и кога војната избувна.

Унгарската влада, исто така, ги разгледува начините како да го “примени истиот метод” во врска со другите малопродажни производи, додаде Орбан.

Американскиот претседател Доналд Трамп во средата најави 90-дневна пауза во врска со најстрогите нови “реципрочни” царини до 50 отсто, кои една недела претходно ги воведе за речиси сите земји и за Европската Унија.

Но строгиот царински режим од 10 отсто останува на сила за поголемиот дел од светот, додека казнените царини за Кина изнесуваат 145 отсто.

Како одговор на Трамповиот потег, Европската комисија вчера соопшти дека исто така ќе ги суспендира на 90 дена своите противмерки против САД.