Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан денеска ја обвини Украина дека планира да го дестабилизира унгарскиот енергетски систем и нареди распоредување на војници и опрема за заштита на критичната инфраструктура.

Тој во видео објавено на Фејсбук повтори дека затворањето на нафтоводот „Дружба“ е од „политички, а не технички причини“, потенцирајќи оти разузнавачките извештаи укажуваат на можно понатамошно нарушување на енергетскиот систем на Унгарија.

– Гледам дека Украина подготвува понатамошни акции за нарушување на функционирањето на унгарскиот енергетски систем. Затоа наредив зајакнување на заштитата на критичната енергетска инфраструктура. Ова значи дека ќе распоредиме војници и опрема потребни за одбивање на напади во близина на клучните енергетски објекти – наведе Орбан.

Унгарија и Словачка добиваат нафта преку нафтоводот „Дружба“, чиј јужен крак поминува низ Украина. Киев на почетокот на месецот соопшти дека ги прекинала испораките на нафта преку „Дружба“, по рускиот напад врз нафтоводот на 27 јануари.

Унгарија пред два дена го блокира новиот пакет санкции на Европска Унија против Русија како одговор на прекинот на испорака на руска нафта.