Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кого го очекуваат избори следната година, на големиот собир по повод годишнината од антисоветската револуција, вчера во Будимпешта ги обвини Брисел и Вашингтон дека се обидуваат да се мешаат во унгарската политика и ги повика приврзаниците да ги бранат достигнувањата во текот на деценијата на неговото владеење.

Орбан им рече на десетици илјади поддржувачи во центарот на Будимпешта дека Вашингтон и милијардерот Џорџ Сорос се обидуваат да го промовираат своите луѓе, унгарската левичарска опозиција, која ги користи нивните пари, медиуми и врски.

– Но, не е важно што сакаат во Брисел, Вашингтон и медиумите кои се платени и диригирани од странство. Унгарците сами ќе одлучуваат за својата судбина – им рекол Орбан на собраните на собирот, пренесува Ројтерс.

Тој оцени дека Брисел се однесува кон Унгарците, заедно со Полјаците, како кон непријатели и дека е време тие во Брисел да ја сфатат силата на унгарскиот народ, кого, како што наведе, ниту комунистите не можеле да го победат.

МТИ известува дека унгарскиот премиер, алудирајќи на судирите меѓу приврзаниците на неговата партија Фидес и полицијата во 2006 година на годишнината од револуцијата во 1956 година во Будимпешта, рече дека пред 15 години имало „шок бомби“ на едната страна, наспроти „измамени и понижени луѓе“ од друга.

Обраќајќи им се на поддржувачите на раскрсницата на улиците Бајчи-Žилинског и Андраши, Орбан истакна дека пред 15 години, токму на овој ден и на местото каде што се одржува собирот, се сретнале минатото и сегашноста.

– На едната страна имаше гранати со солзавец, гумени куршуми, неидентификувана цивилна полиција и водени топови. Од другата страна имаше измамен и понижен народ кој беше … повторно принуден да го трпи фактот што беше лажен.

На одделен митинг, опозицискиот лидер Петер Марки-Зај им порача на приврзаниците дека неговата влада, доколку биде избрана, ќе донесе нов устав, ќе ја сузбие корупцијата, ќе го воведе еврото и ќе ја гарантира слободата на медиумите, пренесува Ројтерс.

– Овој режим стана морално неодржлив… моментумот што го имаме сега треба да не доведе до победа во април 2022 година – нагласи Марки-Зај.