Забелешките на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на унгарскиот закон кои се однесуваат на ЛГБТ заедницата се срамни и се темелат на лажни изјави, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан
-Неодамна усвоениот унгарски закон ги штити правата на децата, ги гарантира правата на родителите и не се однесува на правата на сексуална ориентација на лицата над 18 години, па затоа не содржи никакви дискриминаторски елементи, се наведува во изјавата на Орбан .
Унгарската агенција МТИ ја пренесе изјавата на Орбан дека изјавата на претседателката на ЕК е срамна бидејќи унгарскиот предлог-закон се заснова на членот 14 (3) од Повелбата за основните права на Европската унија.
-Претседателката на ЕК објавува пристрасно политичко мислење без претходно непристрасно истражување, рече Орбан.
Унгарскиот парламент неодамна донесе измени и дополнувања на повеќе закони со кои се забранува прикажување и унапредување на родовиот идентитет, освен полот при раѓање, промена на полот и хомосексуалноста на лица под 18-годишна возраст.
Тринаесет земји-членки на ЕУ, претежно западни, вчера ја осудија Унгарија за измените и ја повикаа Европската комисија да ги искористи сите расположливи средства за да обезбеди усогласеност со европското законодавство.
Германската канцеларка Ангела Меркел, денеска, исто така, го критикуваше новиот закон.
-Мислам дека овој закон е погрешен и е некомпатибилен со моите идеи, рече канцеларката во Долниот дом на германскиот Парламент.