Петвековната ера на доминација на западната цивилизација заврши, центарот на глобалната економија се пресели на исток – ерата на Евроазија започнува, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан, пренесуваат босански Вијести.

– Заврши прогресивно-либералната доминација на западниот свет. Идејата дека целиот свет треба да се раководи според западниот модел и дека избраните нации треба да бидат подготвени да го сторат тоа во замена за економски и финансиски придобивки, пропадна – изјави Орбан на форумот „Евроазија“ во Будимпешта.

Сведоци сме на нова реалност, додаде Орбан.

Како што објасни тој, азиските држави „се зајакнаа и докажаа дека се способни да се издигнат, да постојат и да опстанат како независни центри на економска и политичка моќ“, како резултат на што центарот на глобалната економија се префрли на исток.

Источните економии растат четири пати побрзо од западните, рече премиерот.

– Западот веќе неколку стотици години е убеден дека е најпаметен, најразвиен и најбогат. И не е лесно кога одеднаш ќе види и ќе сфати дека веќе не е тоа – нагласи Орбан.

Според него, Европа е во загуба поради промените што се случуваат во светот денес.

– Може да остане така долгорочно доколку Европа не го најде своето место во односите со Азија. Додадената вредност на западната индустрија е 40 проценти во светот, а источната – 50 проценти. Ова е нова реалност – изјави Орбан.

Тој ги повика и Унгарците да се подготват за следниот период кој ќе стане „век на Евроазија“.

– Не смееме да го пропуштиме вистинскиот момент да ги донесеме потребните одлуки – рече политичарот.

Во исто време, унгарскиот премиер истакна дека на западните лидери денес им е тешко да ја променат својата „карактеристична свест за супериорност“, бидејќи западните земји се навикнале на тоа во текот на неколку векови.

Според Орбан, доколку Европејците не го надминат овој проблем, Европа ќе биде меѓу губитниците.