Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски нема да користи службен автомобил. Како што најави во предизборната кампања, ќе се води строга контрола на сите службени возила и нивната употреба ќе биде наменска, рационална и исклучиво во корист на граѓаните. Воедно, Ѓорѓиевски се откажува и од средствата предвидени за репрезентација на градоначалникот. Вели, тие ќе бидат пренаменети за реконструкција на образовни објекти и детски игралишта, нешта кои навистина им се потребни на жителите на општина Кисела Вода.
-Никој повеќе нема право да ги злоупотребува службените возила во приватни цели.
Од денес, клучевите на сите службени возила ќе бидат под строга контрола и ќе се користат исклучиво во корист на граѓаните, доста беше од бесцелно трошење на парите на граѓаните.
Воедно, од денес, како што ветив во предизборната кампања, јас нема да користам службено возило и репрезентација, а тие пари ќе бидат пренаменети во реконструкција на градинки, училишта и детски игралишта. Затоа што, Кисела Вода мора да биде општина од 21.век. Општина за сите луѓе-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.