Зоран Заев денеска во видео обраќање ги повика граѓаните да гласаат в недела на 31 октомври, на вториот круг од локалните избори.

– Во недела гласаме. Во недела носиме одлука – ќе продолжиме напред со научените лекции или ќе дозволиме со земјата и со градовите да завладеат неизвесност и опасност? Во недела правиме избор помеѓу искрени политичари, кои не се безгрешни секако, но народни и отворени, или пак, оние другите, политичари без став, со скриени агенди, бранители на криминалот, политичари со кои не знаеш на што си, опасни за државата. Еве ме пред вас. Без оправданија, без изговори и без тајни планови. Искрено, бидејќи јас и не можам поинаку. Некои велат дека искреноста била мојата слабост, други ќе се насмеат на некој гаф од јавните настапи, но јас сум тој, Зоран Заев, еден од вас, еден од народот. Па, не си божество ако си премиер. Заврши времето кога на големците не можеше името да им се спомне. Летаа одмазди и закани на сите страни. Но да знаете, додека сум јас тука – тоа нема да се повтори. Премиерот е и ќе продолжи да биде прв меѓу еднаквите, ништо повеќе. А, таков мора да биде и градоначалникот. Ете за тоа гласаме во недела. Затоа треба да излеземе сите и да заокружиме какви и кои политичари ќе ги водат градовите, а со тоа и државата. Искрени и приземјени или недопирливи манипулатори?

Многу повеќе грижа и многу повеќе ефикасност во служењето кон граѓаните. Тоа е промената која ја внесуваме и во централната, и во локалната власт и внатре во СДСМ како партија. Станува збор за сериозна промена во односот и испораката на услуги од страна на институциите, од функционерите и од администрацијата – до вас, граѓаните, до сите вие кои со вашите одлуки го задавате правецот и на општините и на државата – рече Заев.

Целото обраќање можете да го чуете на постираното видео!