Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски ја најави големата 72- часовна генералка во Скопје.
Градоначалникот изјави и дека вечерва се отстранети од работа 371 лице, кои биле вработени во јавните претријатија, не работеле, а земале плата.
Исто така, Ѓорѓиевски рече и дека имало злоупотреби во градот, каде што комунбалните возила се користеле од фирми, на кои потоа им биле исплатувани пари како за советнички услуги.
Пред салата „Борис Трајковски“ на почетокот на кампањата е и премиерот Христијан Мицкоски.
– Во наредните 72 часа ќе дадеме сè од себе да блесне градот Скопје онака како што практично им ветив на моите сограѓани. Дополнително ќе помогнат и колегите градоначалници од внатрешноста, ќе бидат вклучени цистерни за перење на улиците. После долго време ќе ги переме и улиците во главниот град, плоштадот ќе се пере вечерва, кејот сериозно ќе се чисти и ќе се пере, така што дел по дел ќе ги ревитализираме и јавните претпријатија, да ги доведеме во нормала, рече Ѓорѓиевски.
– Започна големата акција за чистење на Скопје! За 72 часа, нашата метропола ќе ја добие свежината и сјајот кој го заслужува. Секој агол, секоја улица, плоштад со заеднички сили ќе бидат чисти. Скопје ќе блесне – уредено и достоинствено, токму како што доликува!, порача Ѓорѓиевски.
Тој на почетокот на акцијата истакна оти Скопје мора да биде чист, достоинствен и уреден град.
-Ги мобилизиравме сите служби и во следните 72 часа ќе покажеме дека тоа е можно, изјави Ѓорѓиевски при стартот на акцијата.
Вечерва пред „Борис Трајковски“ се скопските градоначалници – на Општина Аеродром Дејан Митески, на Кисела Вода Бети Стаменковска Трајкоска и на Карпош Сотир Лукровски, но и Бобан Стефковски од Гази Баба и Александар Стојковски од Ѓорче Петров, кои дадоа поддршка на заедничката иницијатива за почисто и поуредено Скопје. На почетокот на акцијата беше прсутен и премиерот Христијан Мицкоски.
Тој на неговиот Фејсбук профил објави дека „вечерва има голема акција за чистење на сметот во Скопје“ и фотографија од почетокот на акцијата.




