Основниот кривичен суд Скопје ќе го закаже почетокот на судењето против струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов и уште шест лица, осомничени дека како дел од организирана криминална мрежа во период од пет години незаконски извлекувале милиони евра од државниот буџет преку фиктивен поврат на ДДВ.
Судот одобри обвинителен акт против седум физички лица, како и обвинителен предлог против три физички и 13 правни лица, кои според обвинението биле користени за создавање лажен промет преку фиктивни фактури.
Според Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, групата била формирана на почетокот на 2019 година со јасна цел – преку специјално основани фирми и формални сопственици да се овозможи незаконско користење на правото на поврат на ДДВ. Вистинските организатори, за да ја прикријат сопственоста, не се воделе како управители на фирмите.
Обвинетите меѓусебно разменувале фактури со невистинита содржина за наводни купопродажби на недвижности, иако таков промет реално не постоел и не биле извршени никакви банкарски трансакции. Со тоа бил прикажан фиктивен влезен ДДВ во износ од над 4,1 милијарда денари, односно околу 67 милиони евра.
Како резултат на оваа шема, од Управата за јавни приходи бил исплатен незаконски поврат на ДДВ во висина од 1,35 милијарди денари или околу 22 милиони евра. Дел од средствата биле префрлани меѓу поврзани фирми со цел прикривање на потеклото, а потоа користени за купување недвижен имот, враќање банкарски кредити, плаќање градежни материјали и подигање готовина.
Според обвинението, со околу 7,5 милиони евра биле покривани и даночни долгови на обвинетите и на други правни лица. За овие дејствија, обвинетите се товарат за злосторничко здружување, даночна измама, перење пари и даночно затајување.
Заедно со обвинението е поднесен и предлог за конфискација на подвижен и недвижен имот стекнат со кривично дело, кој претходно бил замрзнат со привремени судски мерки. Предложено е и продолжување на мерката притвор за првообвинетиот.
Кривичните пријави против пет лица се отфрлени поради недостиг на докази, додека предметите поврзани со евентуалната одговорност на даночни инспектори се доставени на понатамошно постапување во Основното јавно обвинителство Струмица.




