Недоверба и страв од измами, намалени површини, несоодветни регулативи, елементарни непознавања, недоволни количества, немање маркетинг стратегија и слаба промоција. Ваква е отприлика актуелната слика на македонското органско производство.
Резултатите во последните неколку години потфрлаат и покрај државната поддршка, интензивните политики и активности на речиси сите засегнати страни во секторот.
Само 0,56 отсто од обработливото земјиште во моментов отпаѓа на растително органско производство, а проекциите до 2020 година, согласно Стратегијата за рурален развој, се четири проценти. Овие бројки, велат познавачите, се поразителни.
Потрошувачите, во меѓувреме, се повеќе бараат органско и сакаат да им биде испочитувано правото на избор. Но, сакаат и да бидат сигурни што купуваат. Инсистираат да има официјален, ажуриран и систематизиран регистар на органски производители, како и да се врши компаративно тестирање на производите.
Производителите, пак, го посочуваат како клучно брендирањето и пакувањето. Тоа, сметаат, е најбитно за стекнување доверба кај купувачите. Укажуваат на потребата од поголеми контроли во маркетите и на соодветно поставување на органските производи при продажбата. Ситуацијата ја опишуваат како два паралелни света – закони, мерки и стратегии на една страна, производители, реалност, состојба на терен, на друга. Децидни се дека потрошувачи има, има и куповна моќ, но продажните канали не се разработени, што е делумно поврзано со регулативата – колку е јасна или не, колку е прецизна.
– Постојано ги подобруваме мерките, но производството опаѓа. Тоа зборува за многу сериозен проблем. Всушност, повеќето проблеми произлегуваат од начинот на кој се креираат националните стратегии и планови. Не може да се прават стратегии во канцеларии, надвор од теренот, со минимално учество на производителите и без да се земат предвид конкретните состојби на терен. Многу е убаво стратегиите да бидат усогласени со европската регулатива, но ако не се усогласени со структурата и состојбата на терен и со потребите, тогаш е нормално мерки да има, а произвдоството да опаѓа, вели Милица Петрушевска од „Биаква“.
Ниту една од мерките, оценува Петрушесвка, не е присписобена на структурата на земјоделците кои се главно луѓе без помалку или повеќе формално образование, луѓе кои традиционално се насочени кон конвенционалното производство, ситни производители, луѓе кои немаат баш пристап до интернет, до инстутиции.
– Мојата препорака е кога во иднина ќе се прават стратегии, претходно да се спроведе сериозна анализа на терен и да се креираат мерки приспособени за земјоделците. Сум ги читала сите мерки, стратегии, и, како производител, многу ми е тешко да се снајдам и да се најдам, нагласува Петрушевска.
Во однос на продажбата, смета дека маркетите треба да ги ставаат органските производи на посебно означени места, за да бидат лесно препознаени и најдени. Таквите катчиња мора да се исклучливо со органски, а не комбинирани, и со конвенционални производи.
– Како производител, сакам мојот производ да биде продаден како органски и да биде препознаен неговиот квалитет зад кој стојам. Но, кога мојот производ ќе се најде во продавници, често стои покрај други производи па не е јасно дали операторот набавил ислучиво органски производи, па може да се појават и некои други поради што сомнежот расте, истакнува Петрушевска.
Производителите отвораат и уште едно горливо прашање – немањето соодветна (органска) амбалажа за македонските органски производи.
– Формата на производот не дозволува секогаш да се стави ознаката за органско. Ознаката ќе ја ставите на јаболка, но како ќе го означите спанаќот? Спанаќот мора да е пакуван за да биде обележан. Но, не смее да биде пакуван во било што, во се и сешто, туку во органска амбалажа што исто, чини пари, вели Петрушевска.
И Марјан Кодевски, производител на органско јаболко во Ресен и дистрибутер, потврдува дека во Македонија се уште нема соодветни пакувања за органските производи. Нема ниту целулозен целофан.
Според него, најголемиот проблем со органското производство кај нас е немањето маркетинг за продажба.
– Ни сертификат, ни дегустации не се потребни. Органското се познава. Затоа се уште најмногу и веруваме на бабичката на пазар. Кога ќе ја видиме, уверени сме дека тоа што ни го продава е чисто, незагадено, здраво, органско. И веруваме зашто секогаш ни дава убав патлиџан иако пет денари поскап. Кој мед или компир е неоргански во Берово? Загадено ли е јагнето на Шар Планина? И во речиси секоја бавча во Скопје има производи што не се прскани. Огромно е производството на органска храна во Македонија, но е речиси на црно и тука треба да се заложат сите засегнати страни, истакнува Кодевски.
Претседателот на Федерацијата на органски производители Ѓорѓи Хаџи Котаров, пак, како проблем плус во секторот ја посочува неможноста да се аплицира за субвенции ако земјоделската фарма е „мешана“, со органско и конвенционално производство.
Има, вели, многу производители со мали фарми за градинарство, овоштарство, пчеларство, кои не добиваат поддршка зашто немаат монокултура.
– Не би се согласил дека малите производители се откажуваат од производство, туку неможноста да аплицираат за субвенции ги тера да се откажат. Големите повеќе аплицираат за поддршка иако за пласман надвор немаат доволно количина, ниту, пак, можат да се снајдат на домашниот пазар зашто се уште потрошувачките капацитети се мали и неорганизирани, смета Хаџи Котаров.
Граѓаните не го препознаваат знакот за органски производи
Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) апелира на потребата од постојано информирање на граѓаните и нивно едуцирање, обезбедување сигурност дека она што го купуваат и јадат како органско е навистина такво, проверено од институциите.
Предочуваат и дека сите не го знаат знакот за органски производи, а некои производители се дрзнуваат да го модифицираат што е законски недозволиво.
– Граѓаните треба да знаат и да бидат сигурни дека државата води грижа и сметка за она што се сади од семе до финален производ, од нива до трпеза, да бидат информирани за мониторингот за остатоците од пестициди, точно да знаат што е дозволено, а што не, да се осигураат од измами. Пласманот на органското зависи од довербата на потрошувачите, потенцира престедателката на ОПМ Маријана Лончар Велкова.
ОПМ бара поголема соработка меѓу телата за надзор на пазарот, Министерството за земјоделство, Агенцијата за храна, телата за сертификација, лабораториите, Институтот за акредитација, трговците и производителите.
– Треба да има јавни капмањи за покревање на свеста кај потрошувачите за главните карактеристики на системот за проверка зашто тие немаат доверба ниту во системот на проверка на органската храна. Треба да бидат сигурни кога купуваат, да знаат дека купуваат од органски производител. Треба да ги научиме дека производот го нема стално, дека е редок и дека не може да се произведат тони, но дека во супермаркетот или гранапчето го има, вели Лончар.
Контрола на органската храна
„Надлежни институции“ е терминот на кој најчесто се повикуваме кога станува збор за надзорот и инспекциските контроли врз органското производство. Но, оваа приказна, велат до Агенцијата за храна и ветеринарство, треба да заврши.
– Имаме заблуди околу контролите, кога се работи за тоа кој е одговорен. Секогаш лутаме и велиме „надлежните институции“. Не постои надлежна институција што ќе гарантира безбедност, квалитет и органски производ. работата е многу едноставна и јасна. Тоа дека некакви надлежни институции и инспекции нон-стоп треба да се присутни, треба да е завршена приказна, истакнува Ката Стојановска од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Според неа, контролата во основа, треба да се бара кај производителот. Почнува од нивата и завршува на трпезата. Тука некаде, помеѓу, се ХАЦЦП системот, добрите производни и хигиенски практики.
– Кој ја воспоставува контролата? Производителите. Кој гарантира пред инспекцијата и потрошувачите? Производителите. Прописите не се прават за да имаме инспекција за секоја продавница, за секоја нива. Се работи за сопствени контролни системи што ги воспоставуваат производителите, односно трговците, и гарантираат пред потрошувачите, подвлекува
Воедно нагласува дека органскиот производ не е синоним за квалитет, туку за условите под кои е произведен и граѓаните тоа мора да го разграничат.
– Органскиот производ воопшто не го допира квалитетот. Знакот за органско значи дека проидвоството е контролирано и добило согласност од сертфикациско тело, објаснува Стојановска.
Македонците сакаат органска храна
АХВ спроведе анкета на околу 1.000 потрошувачи во сите региони на Македонија. Ја декетираше перцепцијата за органските производи.
Истражувањето покажа дека потрошувачите сакаат органска храна. Сметаат дека органските производи се здрави, но и дека се со ограничена достапност, дека не се наоѓаат во сите маркети и продажни места, туку само на одредени.
Вкупно 21 отсто ја есапат органската храна за здрава, а 47 проценти ја дефинираат здравата храна како природна.
Според анкетата, она што најмногу ги мачи потрошувачите во однос на органската храна, се измамите и (не)довербата.
Тенденции
Проекциите на Македонија до 2020 година се четири отсто од вкупното обработливо земјиште да биде под органско производство. Засега, оптимиситчка е состојбата само во сточарството каде лани 3,57 отсто од производството било органско што е речиси четири проценти, колку што изнесува и проекцијата за 2020 година. Од 2013 до 2017 година има удвојување на бројот на животните и пчелите во органското производство.
Во делот на растителното производство, пак, површините се намалуваат, но охрабрувачки е што расте бројот на фармери и во моментов изнесува 680.
Европската унија во мај годинава донесе нова регулатива за органско поризводство која ќе почне да се спроведува од 1 јануари 2021 година. Регулативата предвидува олеснувањa за производителите и рационализација со цел поголем степен на премин од конвенционално во органско производство. Препораките од ОПМ се Македонија да го следи ваквиот тренд.
Светските искуства покажуваат дека подем на органското производство настанува кога производите ќе станат стока за широка потрошувачка – кога ќе дојдат до маркетите и пазарите.
МИА