Министерството за финансии, во вторник, кај домашните банки ќе се задолжи со уште 6,5 милиони евра. Како што е објавено на официјалната веб страница на министерството, станува збор за едногодишни аукции на државни хартии од вредност, без девизна клаузула.

Нови задолжувања се планирани и во наредните месеци или вкупно уште 7 до крајот на годината.

Со парите од новото задолжување, како што е сооопштено, ќе се враќале стари долгови. До крајот на месецот државата вкупно треба да врати околу 2,4 милијарди денари.

Парите од последниов заем ќе треба да се вратат до 7 август 2019 година.

Според календарот за емисија на државни хартии од вредност на Министерството за финансии и во наредниот месец се закажани две нови аукции, со кои државата повторно треба да позјами за да врати околу 4,2 милиона евра. А до крајот на оваа година се закажани 3 аукции во октомври, една во ноември и две во декември.

Државниот долг, според Министерството за финансии заклучно со првото полугодие изнесувал 5,14 милијарди евра, или 47,7 отсто од БДП, а јавниот долг е 4,3 милијарди евра или 39,9 проценти од БДП.