Продолжува трендот на повеќе оздравени отколку заразени од Ковид-19, а со тоа опаѓа и бројот на активни случаи. Во меѓувреме, во тек е скринингот за имунитетот на граѓаните во Скопје и во другите градови, а продолжува и скринингот во училиштата.
Надлежните очекуваат во наредниот период да се стабилизира епидемиолошката ситуација во државата и оти веќе се наоѓаме во надолна крива на епидемиолошката состојба.
Во текот на вчерашниот ден беше евидентирани 631 нов случај на Ковид-19, од направени 2.818 тестови. Регистрирани се шест починати пациенти, а 910 оздравени.
Досега во земјава се направени вкупно 1.880.891 тестирања на КОВИД-19.
Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 295.712. Бројот на оздравени пациенти е 281.582, на починати е 8.968. Има вкупно 5.162 активни случаи.
Инаку, серолошкиот скрининг на граѓани по случаен избор за испитување антитела е се уште во тек.
До крајот на неделава се очекуваат првични податоци за серопреваленца во Скопје, а од следната недела и за другите градови од државата, информираа од Министерството за здравство. Исто така, продолжува и скринингот на учениците за Ковид-19.
Од Министерството за здравство информираат дека дополнително, по обработка на податоците, јавноста навремено ќе ја информираат за наодите, како и за останатите аспекти од текот на скринингот.
Деновиве исто така се очекува Генералниот координативен кризен штаб и Владата да се произнесат за двете мерки предложени од Комисијата за заразни болести.
Мерките се однесуваат на укинување на задолжителното поседување негативен ПЦР тест или потврда за прележаност или вакцинација при излез од земјата и укинување на ослободувањето од работа за бремените жени.
Во врска со првата мерка која се однесува на укинувањето на задолжителното поседување негативен ПЦР тест или потврда за прележаност или вакцинација при излез од земјата, портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ информираше оти тоа не значи дека во земјите каде ќе биде потребно да се поседува ПЦР тест или КОВИД-сертификат нема да се бараат, туку дека мерката се укинува при излез од земјава на нашите гранични органи.
Во однос на укинувањето на ослободувањето од работа за бремените жени, Мехмедовиќ појасни дека предлог е оваа мерка да се укине согласно препораките од релевантна институција и од примерите од светот во кои се препорачува жените кои планираат бременост, се бремени или дојат да се вакцинираат и на тој начин да го заштитат своето здравје.
И во светот во изминативе седум дена се забележува опаѓање на бројот на заразени од Ковид-19.
Глобално за 16 проценти е помал бројот на заразени, а за осум отсто е намален бројот на починати. Во Европа, пак, во последната седмица се регистрирани за 21 процент помалку нови ковид-случаи, а за шест отсто помалку починати.
Од почетокот на пандемијата од Ковид-19 во светот вкупно се заразени 431 милион лица, а починале речиси шест милиони.