Османи изрази благодарност за донациите во изградбата на, како што рече, современо, напредно европско општество во Македонија, како дел од стратегијата за меѓусебното поврзување на земјите од Западниот Балкан, но и нивното поврзување со Европската Унија и посочи дека досега, само преку инструментот „Инвестициска рамка на Западен Балкан“ (WBIF), искористени се 112,8 милиони евра за реализација на 29 проекти финансирани од страна на Европската Комисија.
Во продолжение Османи, како што соопшти владината прес-служба, реферираше пред донаторите за активностите преземени во периодот меѓу двата НИК состаноци, а во насока на искористување на потенцијалите за донаторски средства во имплементација на поголемите инвестициски проекти.
– Во рамките на третиот повик од инвестициската рамка WBIF, двата проекти поднесени од наша страна, во вкупен износ од околу 23 милиони евра, добија политичко зелено светло на Самитите во Лондон и Софија, како и позитивна оценка од WBIF, од каде очекуваме и финално одобрување следниот месец“ истакна Османи, посочувајќи ги проектите за реконструкција на секцијата „Букојачани – Кичево“, како дел од патниот правец Гостивар – Кичево во износ од над 20 милони евра, како и проектот за проширување на патната делница Крива Паланка – граничен премин „Деве Баир“ со бугарија во износ од над 2,5 милиони евра, како два поголеми проекти од третиот повик на WBIF чија реализација се очекува да започне наскоро.
Во продолжение Османи информираше и за новата листана приоритетни инвестициски проекти, која Владата ја усвои на вчерашната седница, и на која се дефинирани проектите за кои донаторите ќе можат да придонесат со грантови во нивната реализација во рамките на четвртиот WBIF повик.
-На листата има 108 значајни проекти за државава, подредени според приоритетот за нивна реализација утврден од страна на Владата, и за кои, во наредниот период Владата ќе се посвети на нивна имплементација, секако и преку обезбедување грантови, но и преку заеми и буџетско финансирање, истакна Османи, посочувајќи притоа големите проекти за ко ќе се бараат грантови како автопатот Скопје – Блаце за поврзување на Македонија со автопатот од Косовска страна, каде ќе се бара грант од 26,7 милиони евра, потоа заедничкиот железнички граничен премин со Србија на Табановце во износ од над 5 милиони евра, како и гасното поврзување со Република Грција од 10 милини евра.
На состанокот на Националниот инвестициски комитет (НИК) ресорните министри реферираа пред донаторите за предложените проекти од нивните области, нивниот импакт во развојот на земјата, како и за можностите за учество на донаторите во нивната имплементација преку грант средства.