Доколку С. Македонија годинава одржи предвремени парламентарни избори, тогаш ќе го отвориме нашиот прв четиригодишен реформски прозорец кон Европската Унија во последните две децении. Без кампања, без дистракции, само владеење и само испорачување. Ова денеска од Љубљана, на конференција организирана од поранешниот словенечки претседателот Борут Пахор, го порача поранешниот министер за надворешни работи и потпретседател на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, зборувајќи за ситуацијата во Македонија и нејзините предизвици во пристапниот процес кон ЕУ.
-Така 2025-2029 година може да биде наш пробив за уставни реформи, за напредок во поглавјата, за институционална консолидација. И ова не е само прозорец на можности, туку тоа може да биде нашиот последен прозорец на конвергенција, рече Османи.
Тој потсети дека во последните 20 години, во земјава се одржале 14 изборни процеси, што е по еден на секои 17 месеци. Во периодот помеѓу, рече Османи – парализа, застој и одложувања.
Зборувајќи за пречките на државата на патот кон Европската Унија, Османи се осврна на внатрешни, но и надворешни.
-Од внатрешните, во С. Македонија се соочуваме со политичка олигархиска оска што не сака да го заврши пристапниот процес во ЕУ, туку да го зароби во постојана јамка. Оска што ја демонтира самата суштина на Охридскиот мировен договор што ја поткрепуваше меѓуетничката хармонија и кохезија. И како што оваа оска расте, луѓето реагираат, но не со протест, туку со пасоши. Граѓаните стануваат граѓани на ЕУ преку соседите. Не како сон, туку како бегство. И се соочуваме со контрадикција – земја надвор од ЕУ, управувана од сили што ја влечат назад, населена со граѓани на ЕУ што одамна тргнаа напред, рече Османи.
Според него, ова не е само демографска криза, туку стратешки апсурд.
Османи се осврна на пречките однадвор, односно на односите со Бугарија, за кои рече дека се чувствителни и асиметрични.
-Тие се внатре, ние сме надвор. Тие го држат ветото, ние го држиме товарот на докажување. Но, тука Преговарачката рамка е нашиот штит. Обезбедува дека процесот се води од јасни одредници, а не со политички притисок, рече Османи.
Посочи дека единствените формални обврски поврзани со Бугарија се вклучувањето на бугарското малцинство во преамбулата на нашиот Устав и усвојувањето Акциски план за правата на малцинствата