Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, информира дека добиле известување оти Црна Гора ќе ги прифаќа пасошите со името Република Македонија, без „Северна“, доколку тие се валидни.
Информацијата Османи ја сподели денеска на прес-конференција и рече дека претходно разговарал со својот црногорски колега и се договориле Црна Гора да се обиде да го следи примерот на другите држави од ЕУ или на Швајцарија.
Меѓутоа, Османи вели дека тоа се мерки за да се олесни, како што рече, овој транзициски период.
„Мислам дека Министерството за внатрешни работи (МВР) не треба да се води по тоа да најде алиби или да најде некое решение кое ќе ја одложи примената. Дајте да се фокусираме на подобра организација на системот, на помалку парадирање, на помалку политиканство, туку на подобра организација со цел да се зголеми бројот на издадени пасоши на граѓаните“,рече Османи.
Тој повтори дека како Министерство за надворешни работи веќе помогнале околу издавањето на патни исправи во дипломатско-конзуларните претставништва за што, како што рече, испратиле дополнителни дипломати, базни станици, се организирала работа во две смени и во викенди.