Ова е историски момент за нашата земја, и за мене вистинска чест како главен преговарач, да го одбележам почетокот на скрининг процесот, како финална етапа во подготовката за преговори за полноправно членство во Европската Унија, истакна вицепремиерот Бујар Османи на формалното означување на стартот на подготвителната работа за преговори за членство помеѓу Македонија и ЕУ.
Османи посочи на историјатот на приближувањето на Македонија кон Унијата, почнувајќи од Спогодбата за стабилизација и асоцијација во 2001, преку кандидатскиот статус во 2005 година, па се до првата препорака од страна на Комисијата во 2009 година.
– Европската и евроатлантската ориентација на земјата претставува точката на обединување на нашето општество уште од самата независност, а во процесот на приближување кон ЕУ, неповратно се вградени сите претходни влади, пренесувајќи ги интересите на земјата на своите наследници, кои продолжуваат онаму каде нивните претходници застанале, истакна Османи.
Тој ја нагласи и пошироката инклузивност во рамките на овој процес, упатувајќи благодарност и до администрацијата, граѓанскиот сектор, експертската јавност…
– Нам ни е јасно дека започнуваме комплексен процес, кој ќе се одвива во повеќе фази, во кој илјадници страници на т.н. ‘Аки’ (Acquis), треба да бидат транспонирани во македонското законодавство, но дозволете да ве уверам дека мотивацијата и ентузијазмот меѓу администрацијата, граѓанскиот сектор, претставниците на бизнисот, но и воопшто кај граѓаните, од напредокот во евроинтеграциите е на исклучително високо ниво. Ве уверувам дека ние сме подготвени да се справиме со овој предизвик, истакна Османи.
Потсети дека административната структура, успешно ги имплементираше обврските кои произлегуваат од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, а се подготвува и за процесот на преговори.
Османи ги претстави трите траектории по кои Владата, но и целата држава ќе се движат во рамките на евроинтегративните процеси.
– Државата паралелно ќе се посвети на имплементација на договорите за добрососедство со Бугарија и Грција, ќе го задржи реформскиот моментум за исполнување на забелешките и насоките на заклучоците од јунските совети, како и цврсти и бескомромисно ќе влезе во исполнување на обврските од објаснувачкиот скрининг, подготвувајќи се со тоа, на сите три полиња паралелно, за почеток на преговорите во јуни следната година, истакна Османи, посочувајќи на историскиот момент за одлука – „шанса која оваа генерација не смее да ја пропушти“.
Обраќања до присутните имаа и министерката за правда Рената Дескоска, како и директорот на Директоратот за проширување на Европската Унија, Кристијан Даниелсон и други претставници на Европската Комисија.
Работната средба на која Европската Комисија ја презентира анализата на поглавјето 23 – правосудство и фундаментални права, за Република Македонија продолжува низ текот на целиот ден, а според агендата, работната група ќе продолжи со работа и во текот на утрешниот ден, кога се очекува да им се приклучи и еврокомесарот за проширување – Јоханес Хан