Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска упати писмо со честитка до новоизбраниот државен секретар на САД Ентони Блинкен, во која изразува уверување дека за време на мандатот на Блинкен, Македонија и САД ќе работат уште посилно кон продлабочување на односите меѓу двете држави и со заеднички напори успешно ќе се справат со предизвиците што стојат пред нас.
-Ми претставува особена чест и задоволство да Ви упатам срдечни честитки по повод именувањето за Државен секретар на Соединетите Американски Држави и воедно, да Ви посакам успех во извршувањето на оваа одговорна функција“, напиша Османи на честитката.
Додава оти верува дека новата администрација и лично Блинкен ќе имаат поангажиран пристап кон Западниот Балкан, со што ќе се зацврсти глобалното и транс-атлантско лидерство на САД.
РС Македонија и Соединетите Американски Држави негуваат традиционално пријателство и соработка која се темели на стратегиско партнерство, сојузништво и споделување на заеднички демократски вредности и определби, се додава во честитката, соопшти МНР.
-Дозволете ми во оваа пригода да ја истакнам благодарноста за партнерскиот однос и цврстата поддршка на САД за остварување на стратешките национални приоритети на С. Македонија, што води кон долгорочна стабилност и просперитет не само на нашата држава, туку и на регионот“, наведува во упатената честитка министерот Османи.