Естонија претставува успешна европска приказна, модел од кој Северна Македонија стекнува важни искуства и чија континуирана поддршка има особено значење за нашите европски интеграции, истакна вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, на средбата со заменик-министерот за европски прашања на Република Естонија Мати Маасикас, кој е во работна посета на државата.
Вицепремиерот Османи, како што информира Секретаријатот за европски прашања, најнапред изрази огромна благодарност до Маасикас за континуираната поддршка од неговата земја за аспирациите за членство во Унијата на нашата земја, но и благодарност за тоа што Република Естонија е земја промотор на процесот на проширување на ЕУ.
Османи, како што се наведува во соопштението, ја презентираше динамиката на спроведување на реформите предвидени во План 18, особено во клучните области на владеење на правото, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата.
– Очекуваме уште подобар Извештај за напредокот на земјата што ќе го рефлектира реформскиот моментум во земјата, заедно со уште една препорака што ќе претставува основа за конфирмација на одлуката на Советот на ЕУ во јуни, за почеток на преговорите со Република Северна Македонија, исталнал Османи.
За време на средбата соговорниците се осврнале и на билатералната соработка меѓу двете држави, изразувајќи согласност дека таа ќе продолжи и во иднина, имајќи ја предвид важноста од оваа помош во клучниот период што ни претстои.