Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски нема да биде прогласен за персона нон грата и покрај дилемите во македонското МНР, рече шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.
Тој денеска изјави дека таква одлука ќе донесе, само ако ескалира состојбата, а притоа не објасни за каква ескалација станува збор.
– Дали јас влегувам во неговата приказна, да му дадам тежина, да му го спомнам името, па уште да го прогласам персона нон грата, па тој со таа персона нон грата да прави кампања. Не можам да кажам дали сто посто сме во право со таа одлука да не му влеземе во неговата приказна. И јас, дадов во соопштението да се пишува – маргиналниот политичар, а не со име и презиме. Бидејки и ние ова го разговараме во министеството. Предлози има, дајте да го прогласиме персона нон грата, изјави Османи.
Османи е задоволен од реакцијата на бугарското МНР, кое пак, пред два дена, се огради од изјавите на Џамбаски, но веднаш ја префли топката кон Скопје, порачувајки дека не помалку опасни се и маргиналните партии во Македонија.
Европратеникот Џамбаски за време на чествувањето на 95-годишнината од смртта на Мара Бунева во Скопје на 13 овој месец извикуваше „да живее обединетата и неделива бугарска нација, од Охрид до Црно Море и од Дунав до Бело Море“.