Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска оствари работна средба со Директорот на Директоратот за проширување при Европската комисија, Кристијан Даниелсон, на која било разговарано за реформите и очекувањата на ЕК во пресрет на Извештајот за земјава.
Османи, како што информираат од неговиот кабинет, на средбата посочил дека имплементацијата на Договорот од Преспа ни го отвори патот, а имплементацијата на реформите од Планот 18, ќе не одведат до стартот на преговорите. Тој, исто така, изразил задоволство од досегашната динамика при реализација на Планот, но и од посветеноста на клучните министерства кои ги испорачуваат реформите.
– Имаме напредок практично во сите области: целосна одвоеност на агенцијата за следење на комуникациите од безбедносните служби; напредок во донесувањето на клучните закони од правосудството; нов закон за Комисијата за спречување корупција; а секако напредок има и во спроведувањето на стратегијата за професионализација и деполитизација на администрацијата, истакнал Османи, посочувајќи притоа и на квалитетот на подготвените реформи, чија имплементација ги минува сите филтри на инклузивност на граѓанскиот сектор, консултации и со опозицијата, но и проверка со телата на Европската Комисија, Советот на Европа и венецијанската комисија, ГРЕКО, итн.
Османи и Даниелсон, се вели во соопштението, размениле мислења и за очекувањата на Европската Комисија во пресрет на Извештајот за земјава, кој ќе претставува основно мерило за подготвеноста на земјата, и главниот параметар по кој очекуваме потврда на одлуката за почеток на преговорите на јунските самити на Европската унија.