Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска не откри кои иницијативи се прават или ќе се прават наредните три дена, за да се прибилижат ставовите со Бугарија и да се најде решение, но нагласи дека останува ставот оти нема да се откажеме од овој процес до последниот момент.
Според министерот за надворешни работи Османи, постигнат е напредок во многу прашања, дури, како што посочи, 7-8 што биле сензитивни за едната или за другата страна.
– Се уште се пред нас уште три дена, ќе работиме до последниот момент да аргументираме дека процесот на европските интеграции не е процес којшто е важен само за РС Македонија, туку и за Бугарија и за сите земји членки на Унијата, пред се и за кредибилитетот на Унијата, но и за регионалната динамика, изјави министерот Османи. Додаде оти во изминатите три месеци имаше интензивна комуникација на сите можни нивоа, не само во Скопје, туку и надвор, за постигнување заедничко решение со Бугарија.
Во моментот, истакна, немаме конкретна иницијатива, меѓутоа МНР ја подготви платформата за комуникација во овој период и ги создаде каналите. Османи подвлече дека сепак одлуките ги носи државниот врв, Владата заедно со другите чинители.
Според шефот на дипломатијата, има простор да се објаснуваат прашањата како што е дека краткото име не претставува референца кон историскиот регион Македонија, туку кон државата Македонија, и не е спорно дека краткото и долгото име на државата, рече, се реферираат на овие државни граници на С. Македонија. Прашањето за рехабилитацијата на жртвите од комунизмот, прашањето за немешање во внатрешните работи на соседите, на економската соработка, создавање акциони планови за инфратруктурното поврзување помеѓу држави, се прашања за кои има простор да се разговара. За овие прашања досега немало разговори, рече, но да оставиме овие три дена да видиме дали ќе се најде заеднички јазик.
– Мислам дека со тој начин се постигнуваат заеднички позиции, но не може да предвиди дали тоа ќе биде доволно за да се подолжи европскиот процес понатаму. Тоа сепак не зависи од нас, ние направивме и правиме се што е во наша моќ. Имаме одличен извештај на ЕК, оценети сме како најдобри кандидати во регионот, изјави Османи.
Оцени дека никој не може да очекува оти во три дена ќе се надминат разликите што траат со децении помеѓу двете држави, туку, појасни, враќањето на довербата во процесот почнат во 2017 година дава резултат.
Османи рече дека не може да предвиди што ќе бидат одлуките на Советот за општи работи во вторник,.
– Бидејќи во моментот нема договор, не можам да предвидам дали ќе има договор до вторник кога ќе се организира конференцијата, рече Османи.
Не сакаше да ги коментира бугарските позиции и истакна дека нашите позиции се јасни, а целта е пријателство, добрососедство, меѓусебно почитување, имплементација на одредбите и инструментите од договорот, гаранција дека овој дговорот е единствениот механизам за надминување на разликите.
Во однос на комисиите, потсети дека е утврдена агенда за наредните пет средби во текот на идната година, со тоа што една од тие средби би била уште оваа година во декември со одредени нови технички правила во функционирањето на Комисијата.
Османи изрази надеж дека оваа агенда ќе се реализира.
– Ние како и секогаш ги охрабруваме комисиите што почесто да се сретнуваат, да разговараат отворено врз основа на научни податоци, да најдат заеднички точки на спојување, бидејќи тоа е инструмент којшто произлегува од Договорот и јас мислам дека единствено решение се инструментите на Договорот и враќањето на довербата на двете страни декаДоговорот е единствениот начин за надминување на разликите, рече Османи на прес-конференцијата во МНР.