Се повеќе е размислувањето и во европските земји членки и во ЕУ дека прашањето на проширувањето станува безбедносно прашање. Ние цело време и алармиравме дека тоа не е само прашање на политичко комплетирање на овој политички проект на ЕУ, туку е прашање на безбедносно консолидирање на континентот кое сега се покажува како слаба точка во услови кога ЕУ треба да игра поважна геополитичка улога. Се разбира дека оваа рана во телото на ЕУ ја кочи да влезе во геополитичкиот ринг со сите свои капацитети, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на прашање на денешниот брифинг со новинарите.
– Ако сфаќањето е дека европското проширување е безбедносна компонента тогаш можеме храбро и гласно да збориме дека доколку сакаме да спречиме таков тип на настани како што се случува во Украина треба брзо да се донесат одлуки, а дека тие одлуки треба да почнат од нас. Секоја смена на динамиката во регионот треба да почне од нас, нагласи Османи.
Северна Македонија, според министерот, во моментот нема директна закана по безбедноста.
– Спроед наши информации нема кредибилни информации за директна закана и во региноот. Но, имајќи го предвид контекстот и односите меѓу земјите во регионот, отворените прашања, руското влијание е присутно во регионот, регионалните чинители коишто се повеќе се наклонуваат кон национализмот на сметка на европската перспектива, сето тоа дава доволно аргументи за да бидеме внимателни и затоа ние сметаме дека отвореното прашање, блокирањето на пристапниот процес на Северна Македонија и Албанија додава на палетата на отворени прашања во регионот, рече Османи.
Тој смета дека охрабрувањето за европската перспектива на регионот ќе придонесе и во безбедносното консолидирање на Европската унија.
Во однос на Бугарија, Османи посочи дека комуницираме со бугарската Влада на политичко ниво. Последната рунда политички разговори, додаде, се случи во Минхен, а предлогот е преку еден сеопфатен протокол да се дефинираат прашањата за деблокирање на нашиот пристапен процес. Елементите на тој сеопфатен протокол, информира тој, треба да се утврдат во наредниот период.
Прашан дали ЕУ ги прифаќа бугарските барања, Османи истакна дека ЕУ не е страна во овој процес.
– Ова е билатерален спор, на којшто дали ќе се прифати нешто или не, одлучуваме ние и оттука мислам дека не треба да се разгледа ова од перспектива на тоа дека ЕУ и Република Бугарија можат нешто да се договорат без нас. Ние одлучуваме, Бугарија одлучува, ние сме влезени во едни динамични разговори со цел да ги надминеме овие прашања во интерес на европската перспектива на регонот што сметам дека е од стратешко значење на Република Бугарија, рече Османи.
Тој се надева дека до јуни ќе успееме доколку се најде решение да може да се донесе одлука за започнување на преговори со ЕУ.
– Јас се надевам дека до јуни ќе успееме доколку се најде решение да може да се донесе одлука за започнување на преговори со ЕУ, без притоа да утврдам рокови. Тоа може да биде во кој било месец кога има Совет на ЕУ доколку се најде решение да може да се донесе одлука за започнување на преговори, комуникацијата е секојдневна и интензивна, нашите позиции се јасни, се е во рамки на државната позиција на резолуцијата изгласана во Собранието и во рамки на тие позиции се обидуваме да најдеме решение. Мислам дека нас не ни фалат аргументи, нашата позиција е јасна и прифатена од 26 земји членки на ЕУ, посочи Османи.
Министерот Османи е дециден дека обидот за аналогија на руската агресија во Украина со нашиот спор со Република Бугарија не оди во наш интерес.
– Прашањето на аналогија со руската агресија во Украина колку да звучи атрактивно мислам дека не е коректно и не е добро да се направи затоа што ова што се случува во Украина е невиден преседан после Втората светска војна во која една држава се обидува да окупира соседна држава, да ги наруши основните правила на меѓународниот правен поредок. Мислам дека не оди во наш интерес обидот за аналогија на руската агресија во Украина со нашиот спор со Република Бугарија, рече Османи.