Да не бевме во НАТО, во услови на агресија од Русија во Украина, јас навистина не знам како би се справиле со целата анксиозност што би ја имале и како држава и како граѓани, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервјуто за провладините Фронтлајн и Цивил медиа.

– Се разбира дека во такви услови најранливите подрачја се по експонирани на можни дестабилизации. Регионот на Западен Балкан прво во целина, со фактот што не е дел од ЕУ, ранлив е сам по себе. Фактот што има отворени сè уште нерешени прашања, како што е прашањето на Дејтонскиот договор во Босна и Херцеговина, на отворениот спор, ако можам да кажам, помеѓу Србија и Косово, го прави регионот ранлив. Фактот што постојано има одредени прокси инсталации овде во регионот од други малигни актери исто така тие можат да бидат злоупотребени во функција на таа дестабилизација. Тоа што нас ни дава одреден комфор, е фактот што сме во НАТО, вели Османи.

Да не бевме во НАТО, додава тој, во услови на руска агресија во Украина, јас навистина не знам како би се справиле со целата анксиозност што би ја имале и како држава и како граѓани.

– Но, фактот што сме членка на НАТО ние сега не мислиме на нас, ние мислиме како да им помогнеме на Украина и затоа сме едни од најголемите поддржувачи на Украина во било каква форма. Затоа сме во Латвија со војска, затоа сме во Бугарија и Романија со војска, во Косово, во Ирак…, затоа што сме веќе меѓународен играч којшто придонесува за мирот во светот, а тоа може да го проектирате само во услови кога сте ја обезбедиле стабилноста дома, а НАТО е гаранција за стабилност, подвлекува Османи.