Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на прес-конференција соопшти дека се потребни уште минимум 50 нови вработувања за да се надополнат потребите во ресорното министерство.
Османи информира дека само оваа година се пензионираат 18 лица во МНР и додаде оти мора да се вработуваат нови лица.
На новинарско прашање за вработувањето на Бесмира Ејупи во МНР, Османи посочи дека во текот на оваа година од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците се преземени вкупно 13 соработници, вклучувајќи ја Ејупи. Дел од нив, како што рече, се во рамки на таа систематизација од К-5 Програмата, дел преку директна спогодба.
-Делумно е точна информацијата, преземена е од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците на позиција соработник во протокол, што е почетна позиција во МНР. Во моментов имаме огласи за 16 нови соработници, кој е во тек, рече Османи и додаде дека сите оние кои сакаат да работат во дипломатијата на почетни позиции имаат можност да аплицираат.
Османи на прес-конференцијата во МНР рече дека има право со закон да има тројца специјални советници, а има само едно место пополнето, а другите се празни. Османи рече дека во МНР има вработени со договор онолку колку што дозволува Министерството за финансии.