Вашите ментори сметаат дека сте вие најдоброто од С. Македонија и се надевам дека таа доверба ќе ја оправдате, а впечатоците и искуството што ќе ги соберете од посетата ќе бидат поттик за вас да продолжите да се едуцирате и во иднина директно ќе вклучите во процесот на европска трансформација на земјата, им порача денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи на студенти оd државните универзитети, кои ја почнаа студиската посета на Брисел.
Студентите кои од денеска се во Брисел се избрани како најдобри на конкурсот „Со европско знаење до европската престолнина“.
Османи им честита на успехот и им посака успешен студиски престој, нагласувајќи им дека институциите што ќе ги посетат во ЕУ се исклучително важни точки во кои се создаваат политиките на Унијата,.
-Но што е уште поважно, тие еден ден ќе бидат и наши институции, наши претставници ќе седат во Европскиот парламент, ќе учествуваат во работата на Европската комисија, од директоратите и кој знае, можеби токму некој од вас ќе ја претставува нашата земја токму во нив, истакна Османи.
Делегацијата беше пречекана и од страна на амбасадорката Агнеза Руси, која им го претстави начинот на кој функционира мисијата на Македонија во ЕУ и одблизу ги запозна со процесите и активностите кои Мисијата ги води во моментов.
На првиот ден од престојот во Брисел студентите ќе ги посетат Европскиот парламент, Советот на ЕУ и Домот на европската историја. Според агендата, веќе од утре ќе Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија (ДГ НЕАР), Европска служба за надворешно дејствување (ЕЕАС), Генералниот директорат за образование и култура (ГД ЕАК).
За време на посетата, студентите ќе се сретнат со Дејвид Кулен , раководител на Одделението за Македонија и Косово при ДГ НЕАР, со Сесил Абадие од ЕЕАС задолжен за Македонија и координаторот на ЕК за земјава, Марк Јорна и ќе се запознаат со можностите што ги нуди европската програма за едукација и обука „Еразмус плус“